Од центарот на Скопје градежната експанзија се сели низ градовите во внатрешноста на државата. Според бројот на градежни дозволи во декември лани, годинава во центарот на главниот град ќе биде помирно, а градежен бум ќе им се случува на Битола, Гостивар, Штип, Струга, скопски Илинден. Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика во декември лани Општина Центар издала само три градежни дозволи, а таков бил трендот и во месеците од почетокот на годината. Но, градежниците велат дека центарот на Скопје не изгубил на атрактивност, туку низа други фактори крајно го ограничуваат градењето станови на тој простор. Локациите во центар се веќе проретчени, но се уште ги има. Проблем е тоа што плацовите за градење или се оптоварени со нерешени имотно-правни односи, или имаат голем број сопственици кои не можат да се договорат. Трет проблем е тоа што се уште се држи висока цена иако цените на становите паѓаат.
Од центарот на Скопје градежната експанзија се сели низ градовите во внатрешноста на државата. Според бројот на градежни дозволи во декември лани, годинава во центарот на главниот град ќе биде помирно, а градежен бум ќе им се случува на Битола, Гостивар, Штип, Струга, скопски Илинден.
Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика во декември лани Општина Центар издала само три градежни дозволи, а таков бил трендот и во месеците од почетокот на годината. Но, градежниците велат дека центарот на Скопје не изгубил на атрактивност, туку низа други фактори крајно го ограничуваат градењето станови на тој простор.
- Локациите во центар се веќе проретчени, но се уште ги има. Проблем е тоа што плацовите за градење или се оптоварени со нерешени имотно-правни односи, или имаат голем број сопственици кои не можат да се договорат. Трет проблем е тоа што се уште се држи висока цена иако цените на становите паѓаат.
Сопствениците и понатаму бараат да им се компензира со најмалку 30% од изградениот објект, а инвеститорот од маркичката за градење мора да одвои дел за паркинзи, што е голем проблем. Можеби порано се попушташе, но сега мораме стриктно да се придржуваме до законските норми за паркиралиштата. Според најновите стандарди, за едно возило треба да се одвои 25 до 30 квадратни метри од плацот, плус простор за комуникација. Знаеме дека едно семејство има и по две возила, па ако треба да се паркираат 60 автомобили, за паркинг одат по 1.500 квадратни метри - вели претседателот на Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Никола Велковски. Тој додава дека постои можност за изградба на подземни гаражи, но потенцира дека никој не сака да ги купува, иако во центарот на Скопје нема место за паркирање.
Интересно е тоа што во декември не била издадена ниту една градежна дозвола во Општина Аеродром. Велковски смета дека за застојот во издавањето на дозволите таму мора да има некој друг проблем, зашто има многу интересни локации, на пример во Ново Лисиче, како и на местото на старите воени бараки, каде веќе нешто и се гради. Што се однесува до цените на становите, тој вели дека се паднати за 10% до 15% на периферијата на Скопје, додека пак во центарот тоа не е забележливо, зашто градежниците попуштаат само во директните договори со купувачите и тоа кога им требаат пари за да почнат нов циклус на градење. Падот на цените, според него не е резултат на намалената побарувачка, туку на големата понуда.
За да заработат повеќе, вели Велковски, градежни фирми од градовите во внатрешноста на државата се повеќе градат во Скопје.
- Со истиот трошок и мака, во Скопје ќе изградат станови кои ќе ги продадат поскапо отколку во Струмица на пример, каде квадратот е околу 650 до 700 евра - информира тој.
Станови во Македонија почнаа да градат и странски фирми, а наши иселеници парите спечалени во странство ги вложуваат тука во станоградба. Во Битола, на пример, во продажба се станови во три згради, од кои едната ја гради градежното претпријатие "Пелагонија", една има "Михајлов Констракшн" од Австралија, а една е на руски инвеститор. Со 30 од вкупно 32 издадени градежни дозволи за целиот пелагониски регион, Битола е градот кој годинава ќе доживее најголема градежна експанзија.
- Едната причина е тоа што Битола е првата општина кој почна да ги издава градежните дозволи по електронски пат. Дел од одобренијата се за изградба на станови, а дел се за објекти во индустриската зона Жабени. Со урбанизацијата на локацијата на поранешната касарна, се зголеми интересот за изградба на станбени згради - вели Цветанка Ристевска, надлежна за односи со јавност во општината.
Поголем број нови градилишта наскоро ќе се отворат и во Струга каде се издадени шест градежни дозволи, за разлика од Охрид, каде нема ниту една, потоа во Гостивар каде има 13 нови одобренија за градење, или третина од вкупно издадените во полошкиот регион, во Илинден, каде ќе се гради секој петти објект во скопскиот регион и во Штип со 10 издадени дозволи. Целиот вардарски регион издал само 12 градежни дозволи, од кои половината во Велес, а најмалку, само 11 ги има во североисточниот регион, од кои осум се во Куманово.